КАЈСЕРИ (АА) – Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, изјави дека не се искрени и не се уверливи повиците за примирје во Нагорно Карабах кои доаѓаат од оние кои со години не понудија решение и одговор на исправните барања на Азербејџан во тој регион, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар во придружба на воениот врв на Турција во Кајсери присуствуваше на полагањето камен-темелник за изградба на новиот комплекс на турската наменска индустрија, а во таа пригода ги коментираше ерменските напади на Азербејџан и азербејџанската операција која започна како одговор на нападите и со цел ослободување на окупираните региони.
Потсетувајќи дека пред речиси три децении Ерменија го окупираше Нагорно Карабах, односно петтина од азербејџанската територија и уште 12 околни градови, Акар изјави дека се раселени повеќе од милион, убиени повеќе од 20.000 и исчезнати 5.000 Азербејџанци.
Тој понатаму изјави дека Азербејџан ги почитувал сите меѓународни одлуки и договори и вложувал дипломатски напори за решавање на кризата во рамките на меѓународното право.
„Од друга страна, Ерменија продолжува да го крши меѓународното право, вклучувајќи ги резолуциите на ОН и ја продолжува агресијата“, изјави Акар.
Турскиот министер за одбрана, Акар, изјави дека Азербејџан води успешна операција за ослободување на окупираните региони, а дека Ерменија посегнува по пропаганда и ширење лаги и клевети, вклучувајќи неосновани тврдења за учество на турските воени авиони во акциите во Нагорно Карабах.
„Тоа е само плод на ерменскиот обид да создаде впечаток дека ја има Турција наспроти себе и така да дојде до поддршка во светот“, изјави Акар.
Тој рече дека Турција и понатаму е покрај Азербејџан кој во светот покажа дека има волја во силата самостојно да ги ослободи регионите кои под окупација ги држат ерменските сили.
Од 1991 година ерменската војска нелегално го окупира Нагорно Карабах, меѓународно признатата територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералото собрание на ОН, како и многу други меѓународни организации, бараат повлекување на окупаторските ерменски сили од Нагорно Карабах и седум други окупирани азербејџански региони.
Anadolu










