АНКАРА (АА) – Турскиот Парламент треба да го разгледа предлогот за продолжување на мандатот на прекуграничните антитерористички операции во северен Ирак и Сирија, како и распоредувањето на мировните сили во Либан, Мали и Централноафриканската Република, јавува Агенција Анадолија (АА).

Предлогот, поднесен денеска од Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, ќе ѝ овозможи на турската војска да спроведува прекугранични операции во северен Ирак и Сирија за уште една година, од 30 октомври 2020 година до 30 октомври 2021 година.

Во предлогот се наведува дека Турција дава големо значење на заштитата на територијалниот интегритет на Ирак, националното единство и стабилноста.

„Сепак, постоењето на терористичките организации ПКК и ДЕАШ во Ирак претставува директна закана за регионалниот мир, стабилноста и безбедноста на нашата земја“, се наведува во образложението на предлогот.

ПКК е сепаратистичка организација којашто се наоѓа на списокот терористички организации на Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.

Терористичката организација ПКК често го користи северен Ирак, веднаш преку турската граница, за да планира прекугранични терористички напади во Турција. Турција ги користи своите права во рамките на меѓународното право, вклучително и во операциите ова лето, за да ги гони овие терористи во нивните скривалишта.

Турција досега повеќепати беше цел на напади на ДЕАШ, и тоа на најмалку 10 самоубиствени напади, 7 бомбашки напади и на 4 вооружени напади, во кои загинаа најмалку 315 луѓе, а стотици беа повредени.

Турските безбедносни сили спроведуваат одлучна борба против терористичката организација во земјата, како и надвор од неа.

Во меѓувреме, во предлогот исто така се вели дека Турција продолжува со безбедносните одговорности во северна Сирија, источно од реката Еуфрат и во Идлиб, во согласност со нејзините легитимни безбедносни интереси.

Од 2016 година, неколку турски прекугранични операции во северозападна Сирија го ослободија регионот од терористите на ЈПГ/ПКК и ДАЕШ, што им овозможи на Сиријците кои избегаа од насилството да се вратат дома.

Турција долго време ја осудуваше заканата од терористите во северна Сирија, ветувајќи воена акција за да спречи формирање на „терористички коридор“ таму.

– Мали и Централноафриканска Република –

Предлогот исто така повикува на продолжување на мандатот за распоредување на турските трупи во Централноафриканската Република (ЦАР) и Мали како дел од мировната мисија на Европската Унија (ЕУ) одобрена од Обединетите нации (ОН).

Овластувањата ќе бидат ефективни од 31 октомври за уште една година.

Во септември 2014 година, Мултидимензионалната мисија за интегрирана стабилизација во Централна Африка (MINUSCA) на мировните сили на ОН со 12.000 војници започна со распоредување во централноафриканската земја.

Советот за безбедност на ОН во 2012 година донесе резолуција со која е овластено распоредување на меѓународната мисија за поддршка предводена од Африка во Мали, позната како АФИСМА.

– Либан –

Според предлогот, Парламентот исто така ќе го продолжи мандатот на распоредувањето на турските трупи во Либан за уште една година, како дел од привремените сили на ОН.

Мандатот на турските војници во Привремените сили на Обединетите нации во Либан, познати и како УНИФИЛ, ќе биде продолжен до 30 октомври 2021 година.

Предлогот е продолжен 13 пати досега откако за првпат беше одобрен од Парламентот во септември 2006 година.

УНИФИЛ е основана во 1978 година кога Израел се повлече од Либан. Мировните сили имаат за цел да осигураат безбедност и да ѝ помогнат на либанската Влада во обновата на својот авторитет.

Околу 10.600 војници од 40 земји се дел од мисијата на УНИФИЛ.

Парламентот треба да дискутира за предлогот на 6 октомври.

Anadolu