Ибрахим Мунир, кој е назначен за ополномоштен претседател на Советот за водство при Организацијата „Муслиманско братство“ (Ихван), истакна дека признавањето на претседателството на Абдулфетах ес-Сиси е во рацете на лидерите на Организацијата, кои се во затвор, во замена за ослободување на затворените членови на Братството, известува Агенција Анадолија (АА).
Мунир во изјавата што ја даде за телевизискиот канал „Ал-Џезира“, со седиште во Катар, истакна дека едно лице блиско на режимот во Египет во периодот 2015-2016 стапило во контакт со Братството „Ихван“, барајќи од нив да го признаат Сиси.
Мунир рече дека пред да го разгледаат прашањето, на посредникот му ги претставиле своите барања, меѓу кои е и „ослободување на лицата што се во затвор“, но сите барања биле одбиени од страна на режимот.
На прашањето дали Сиси би бил признаен доколку во моментов бидат ослободени членовите на Организацијата што се наоѓаат во затвор, Мунир одговори: „Ќе бидам искрен, одлуката за тоа е во рацете на оние што се во затвор, ние го немаме тоа право.“
Мунир рече дека откако ќе ја донесат одлуката, ним им останува да се покорат на тоа, и предупреди дека тактиките што ги спроведува режимот нема да помогнат за ништо, освен што нив самите ќе ги вовлече во дупка.
Во врска со повикот на демонстрации против режимот од страна на Египќанецот Мутеахит Мухамед Али, Мунир изјави: „Ние нема да ги спречиме луѓето, ниту пак, ќе ги одбиваме нивните барања. Без оглед на револуцијата, таа мора да биде колективна. Денот кога тоа ќе се случи, Организацијата ќе биде присутна во секоја улица.“
За нивниот однос кон режимот, Мунир посочи дека нивниот став да се застане покрај мирот е стратегија што никогаш нема да се промени.
Во врска со внатрешните работи на Братството „Ихван“, Мунир истакна: „Сега сме во нова фаза и формирана е комисија за управување во согласност со оваа фаза“, истакнувајќи дека и тој ќе ѝ помага на комисијата во донесувањето на одлуките.
Мохамед Морси, кој дојде на власт на демократски избори, беше разрешен со воен удар на 3 јули 2013 година од страна на тогашниот министер за одбрана, Абдулефетах ес Сиси. Подоцна истата година, членовите на Организацијата „Муслиманско братство“ (Ихван), која беше прогласена за терористичка организација, беа уапсени и осудени на затворски казни под обвинение за тероризам, особено високиот кадар на Организацијата.
Anadolu









