АНКАРА (АА) – Министерството за надворешни работи на Турција изрази загриженост и остро ја осуди одлуката на Бахреин за воспоставување дипломатски односи со Израел, што е спротивно на обврските во рамките на Организацијата за исламска соработка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се истакнува дека овој чекор ќе влијае на одбраната на палестинската кауза и се додава:
„Ќе го охрабри Израел да ги продолжи своите нелегитимни практики против Палестина и неговите обиди трајно да ги окупира палестинските територии.“
Исто така во соопштението се потенцира дека единствениот начин да се воспостави мир и стабилност на Блискиот Исток е преку фер и сеопфатно решение на палестинското прашање во рамките на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации.
„Притисокот и принудата на актерите надвор од регионот, неодговорните отстапки поради тесни интереси, не можат да ја елиминираат или пак, да ја заменат оваа реалност“, се нагласува во соопштението на турското МНР.
Anadolu










