АНКАРА (АА) – Властите на Република Турција ги повикаа властите на Косово да се откажат од намерата за отворање амбасада во Ерусалим, бидејќи тоа го нарушува историскиот и правниот статус на Ерусалим и палестинското прашање, а може и да го загрози процесот на признавање на Косово од трети држави, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека од пораките на претседателот, премиерот, шефот на дипломатијата и други официјални лица е јасно дека Косово и Израел планираат меѓусебно признавање и дека Косово планира да отвори амбасада во окупираниот Ерусалим.
Во соопштението се наведува дека е разочарувачко тоа што Косово размислува за таков чекор, кој претставува грубо кршење на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации.
Потсетувајќи дека токму Турција беше меѓу првите земји што ја признаа независноста на Косово и дека го поддржала признавањето на Косово на меѓународната сцена, во соопштението од Анкара се наведува дека Турција смета дека таквиот процес не треба да продолжи со кршење на меѓународното право и маката на палестинскиот народ, чија земја е окупирана.
Бројни одлуки на Обединетите нации наведуваат дека решението за блискоисточната криза е можно само со воспоставување на независна палестинска држава со границите од 1967 година и со Источен Ерусалим како главен град.
„Ги повикуваме лидерите на Косово да ги почитуваат тие одлуки и да го избегнат чекорот што го нарушува правниот и историскиот статус на Ерусалим и кој би можел да биде идна пречка за признавање на Косово од страна на други земји“, се наведува во соопштението.
Anadolu








