ПАРИЗ (АА) – Во Франција, во помошен учебник подготвен за часовите по историја за наставата во последната година од средното училиште е вклучен дел за терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).

Едукативниот материјал, што не се наоѓа во наставната програма на француското Министерство за образование, е подготвен како помошна книга за учебната 2020-2021 година. Помошната книга вклучува две страници во кои се опишува терористичката организација ЈПГ/ПКК.

Според информациите до кои дојде АА, помошниот учебник е објавен од страна на издавачката куќа „Белин“. Учебникот нема да се користи во сите училишта во земјата, но наставниците што предаваат историја, по нивна иницијатива, имаат можност да ја користат книгата и децата да учат од неа.

Во книгата, во делот со наслов „Нација без држава: Курди“, стои изразот „Курдите се најголемата нација во светот без држава“. Книгата содржи хронолошки информации за историјата на терористичката организација ПКК, а содржи информации и за Пешмергите. Во книгата, исто така, има обејежја што ја симболизираат ЈПГ и фотографии од униформирани терористи со оружје.

Покрај тоа, во книгата се користи и текстот на весникот „Ле монд“ („Le Monde“) со наслов „Сирија, крајот на Курдистан“, кој е напишан на 21 октомври 2019 година.

Во текстот се тврди дека операцијата „Извор на мирот“, што ја започна претседателот Реџеп Таип Ердоган за да ја гарантира безбедноста на границите на Турција и за спречување на создавањето терористички коридор, е „против Курдите“.

Anadolu