Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, ја коментираше ситуацијата на Источниот Медитеран и порача дека Турција не е поборник на тензиите, туку дека само одлучно ги штити сопствените права и интереси, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ресорниот турски министер Акар, во придружба на воениот врв на Турција го посети Обединетиот воздушен оперативен центар во Ескишехир, а во обраќањето на присутните ја коментираше и актуелната ситуација на Источниот Медитеран, Кипар и Егејското Море.

Нагласувајќи дека Турција го почитува политичкиот и територијален интегритет и целоста на сите нејзини соседи, Акар изјави дека исто така е важно сите да знаат дека Турција ни во најмала мера нема да отстапи од своите права, ниту на кого било ќе дозволи да ги загрозува нејзините права и интереси.

„Некои преминаа илјада километри за да изигруваат кабадаии на Средоземното Море и да глумат ангели чувари. Тоа е неприфатливо. Како дојдоа, така и ќе си одат“, порача Акар.

Истакнувајќи дека Турција постапува во согласност со меѓународното и поморското право, со одлуките на судовите, преземените обврски и со добрососедски намери, Акар изјави дека Грција, зад која застана Франција, па и Европската Унија, изнесува нелогични и неразумни тврдења.

„И целиот свет да го донесете, никогаш нема да можете да ги објасните своите тврдења дека два и два се пет. Тоа едноставно не е точно. Без оглед кој стои зад вас, два и два се четири и тоа не можете да го промените. Кипар е наше национално прашање. Како што во 1974 година ги браневме правата на нашите тамошни браќа, така сме подготвени да го сториме тоа и во оваа 2020 година“, порача Акар.

Тој понатаму рече дека Грција, спротивно на Договорот од Лозана, вооружила 16 острови и порача дека Турција тоа повеќе нема да го дозволува, но дека и понатаму е поборник за дијалог и преговори.

„Грција и Турција… Меѓутоа, тука имаме и насилници со кои е тешко да се разберете. Пример е Франција која не е гарант ниту потписничка на никаков договор. Не си дури ни претставничка на Европската Унија, па со кое право доаѓаш тука? Помина врмето на покажување храброст кога можевте самоволно да застанете и да се правите храбри“, порача Акар.

Нагласувајќи дека Турција не е поборник на тензиите, Акар изјави дека и од сите пријатели и сојузници очекува објективно, разумно и рационално да пристапуваат на прашањата.

„Оваа ситуација може само така да се реши. Доколку го укинете ембаргото на оружје на Кипар, се обидувате да ја промените рамнотежата на терен, тоа нема да донесе мир, туку конфликт. Тоа сите треба да го знаат“, заклучи Акар.

Anadolu