Денес се одбележува петтата годишнина од потонувањето на гумениот чамец во кој животот го загубија пет лица, вклучувајќи го и тригодишното сириско дете Алан Курди, чие безживотно тело беше пронајдено на плажа во Турција, а таквата глетка ја потресе светската јавност, пишува Агенција Анадолија (АА).

Бродоломот се случи кај турскиот крајбрежен град Бодрум, а денес на плажата Фенербурн е оддадена почест на момчето кое првично беше идентификувано како Ајлан, а потоа е утврдено дека неговото вистинско име е Алан Курди.

Музичарката Карсу Донмез од Холандија ја посети плажата и остави каранфил на местото на кое е пронајдено телото на момчето, кое стана еден од симболите за драмата низ која поминуваат сириските мигранти.

Донмез со потекло од турскиот град Хатај за АА изјави дека страдањето на децата е нешто најстрашно што може да се случи.

„Особено ме боли страдањето на децата. Алан е едно од децата чиј живот е трагично завршен. Мислам дека ова би требало да биде лекција за светот. Ниту едно дете не би смеело вака да настрада“, изјави познатата пијанистка и кантавторка Донмез.

Таа, исто така,т изјави дека сириските бегалци не ги напуштаат своите домови, семејства и работни места токму така, туку исклучиво во бегство од војна и во потрага по подобри услови за живот.

„Со денови ме прогонуваше фотографијата на телото на Алан на плажа. Во Амстердам помагав на децата мигранти и им велев дека се среќни бидејќи имаат шанса, за разлика од Алан кој таа шанса не ја доби. Сите деца имаат право на шанса. Алан можеше да биде лекар и да спасува човечки животи. Не настрада само едно сириско момче, туку и еден добар човек на нашиот свет“, изјави Донмез.

Во бродоломот пред пет години животот го загубија и мајката и постариот брат на Алан Курди. Таа трагедија уште еднаш ги покажа ужасите на воените голготи низ кои поминува сирискиот народ, но го привлече и вниманието на меѓународната заедница за проблемите на бегалците.

Кривичниот суд во Бодрум осуди тројца лица на затворски казни во траење од по 125 години. Осудени се за петкратно убиство и организирање на криумчарење на мигранти.

Претходно, уапсени беа уште двајца сириски државјани кои се осудени на затворски казни од по 50 месеци за помагање во криумчарење на мигрантите.

Anadolu