Европската комисија смета дека Унгарија врши јасна дискриминација врз национална основа, воведувајќи забрана за влез на патници од странство, но исклучувајќи ги граѓаните на Полска, Словачка и Чешка. Ова денеска во Брисел го соопшти портпарол на ЕК, повикувајќи се на писмо од надлежните еврокомесари Дидие Рејндерс и Илва Јохансон, упатено до унгарската влада. Во него, според портпаролот, ЕК бара итно повлекување на сите мерки кои ги кршат принципите на европското право.
Правилата кои во Унгарија се на сила од денеска, им забрануваат на Германците и другите граѓани на земји од ЕУ влез во земјата. Преминот на границата според оваа регулатива е можен само со посебна дозвола на одделни делници и засега е ограничен со рок до 1. октомври. Причина за воведувањето на мерките, како што наведува унгарската влада на премиерот Виктор Орбан, се растечките бројки на заболени од Ковид-19. Но, истовремено денеска регулативата за затворање на унгарските граници за патниците е дополнета со изземање на туристите од Полска, Словачка и Чешка, доколку покажат негативен тест за коронавирус.
Раководена од порастот на бројот на воведување национални еднострани ограничувања и гранични контроли во рамките на ЕУ, Европската комисија во идните денови ќе достави конкретен предлог за подобра координација. Тој треба да придонесе слободата на патување и движење во внатрешните граници на ЕУ да биде ограничена само во случај кога е тоа исклучително неопходно поради пандемијата.
DW










