Напорите на Саудиска Арабија да се здобие со нуклеарно оружје со помош на Кина, предизвика загриженост кај Израел и Соединетите Американски Држави (САД), пишува Агенција Анадолија (АА).
Саудиска Арабија, која не претпочита да го замени својот историски сојузник САД, со Кина, смета дека условите за помош на Пекинг не се толку строги како на Вашингтон во развивањето на сопствената нуклеарна програма, во рамките на меѓународните критериуми за неширење на нуклеарното оружје.
Покрај тоа, администрацијата на Ријад ја загуби поранешната доверба во Вашингтон, откако не ја доби поддршката што ја сакаше од Белата куќа против заканата од Иран, кој се сметаше за одговорен за нападите врз националната нафтена компанија „Сауди Арамко“ во септември 2019 година.
За ова се загрижени Вашингтон и Тел Авив, кои се против производството на нуклеарно оружје од страна на Саудиска Арабија.
– Објект за производство на таканаречена „Жолта торта“ –
Американски и израелски официјални претставници ја изразија својата загриженост по вестите во американските медиуми дека со помош на Кина изграден е објект во пустината во близина на главниот град Ријад, за производство на оксид (т.н. „Жолта торта“) кој се користи за збогатување ураниумот за производство на нуклеарно оружје.
Наведено е дека производниот погон се наоѓа во регион во северозападниот дел на Саудиска Арабија меѓу градовите Медина и Тебук.
Покрај тоа, помошта на Кина не е ограничена само на ова. Покрај соработката во областа на нуклеарните реактори, Кина ѝ помага на Саудиска Арабија за производство на балистички ракети со долг дострел.
– Можно е да поседува нуклеарно оружје со поддршка на Кина –
Според меѓународните извештаи до 2016 година, Саудиска Арабија има само основна инфраструктура за проекти за нуклеарна енергија за цивилна употреба, додека во целост ѝ недостасуваат техничките ресурси за производство на нуклеарно оружје без надворешна поддршка.
Ако Саудиска Арабија одлучи да не се придржува кон Договорот за неширење на нуклеарното оружје (NPT), во нејзиниот погон за производство на „жолта торта“, може во рок од неколку месеци со помош на Кина ќе биде во можност да започне со збогатување на ураниумот и да произведува нуклеарно оружје.
Администрацијата на Ријад секогаш потенцира дека нејзините нуклеарни проекти се наменети само за цивилна употреба.
– За која цел ќе се користи нуклеарната централа? –
Сателитските фотографии објавени од американските медиуми во март 2019 година покажуваат дека изградбата на првата нуклеарна централа во Саудиска Арабија во Ријад е речиси при крај. Прашањето за што ќе се користи ја зголемува загриженоста кај многу земји, особено кај САД и Израел.
Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, кој даде изјава за американскиот канал „Си-би-ес“ (CBS) во 2018 година, рече: „Ако Иран развива нуклеарна бомба, ние несомнено ќе го сториме истото што е можно поскоро“.
Израелците не ја кријат својата загриженост во врска со можноста за нуклеарна програма за вооружување на Саудиска Арабија.
Кога ги истражуваме ставовите на Саудиска Арабија кон нуклеарното оружје, може да се заклучи дека Кралството има три става: потрага по производство на нуклеарно оружје за заштита од потенцијалните закани, потпишување договор со земја која има развиено нуклеарна програма за заедничка одбрана, и да биде лидер во поддршката на меѓународните напори Блискиот Исток да стане зона без нуклеарно оружје.
Anadolu










