Тактички зрел, мирен, искусен и многу ефективен, тоа беше Баерн Минхен синоќа. Баварците по шести пат ја освојуваат Лигата на Шампионите и се изедначуваат на листата со уште еден европски гигант Ливерпул. Фудбалерите на Париз Сен Жермен се уплашија од предизвикот и не успеаа да го направат последниот финален чекор.

Момците на Тухел добро го отворија мечот, со неколку шанси кои не беа искористени од главните ѕвезди Нејмар и Мбапе. А Баерн не простува. И тоа во долгата 2019/20 кампања во ова натпреварување се манифестираше во безброј наврати. Челзи во Лондон во првиот меч имаше неколку убави прилики за отворање на резултатот, не ги искористи, Баерн врати со три погодоци. Барселона во првите 20 минути од четвртфиналето, исто така. Тото Екамби и Мемфис Депај промашуваа „зицери“ и празни голови, Минхенската машинерија возврати жестоко.

Тоа не беше исклучок во финалето, единствената разлика се состоеше во крајниот резултат. Наместо два, три или повеќе голови, Баерн Минхен го совлада ПСЖ со 1:0 со голот на Кингсли Коман и го крена посакуваниот трофеј. И Баерн Минхен стана единствениот клуб кој стигна до трофејот, без ниту еден проааз во натпреварувањето.

Изоставувањето на хрватскиот репрезентативец Иван Перишиќ од првиот состав на Баерн, предизвика несогласување и чудење од фудбалската јавност пред почетокот на мечот, со оглед на тоа дека Перишиќ играше одличен турнир во Лисабон. Французинот и роден парижанец, Кингсли Коман „скокна“ на неговото место во првиот тим и влезе во историјата. Неговиот гол со глава во 59 минута од мечот, по додавањето на Кимих, беше и погодокот кој ја донесе радоста на Германците.

Ханси Флик покажа и докажа зошто долги години беше дел од стручниот победнички штаб на германската фудбалска репрезентација и зошто е токму тука, на тренерското столче во Баерн Минхен. Овој Баерн, овој Баерн потсетуваше на оној на Јуп Хејнкнес и на брилијантата сезона во 2013 година, кога Дортмунд и Клоп беа жртвите на тогашната машинерија, од чиј дел беа и вечерните победници во Лисабон, Ноер, Милер, Алаба и Боатенг.

Кога сѐ ќе се собере и одземе, Баерн Минхен е апсолутно заслужено на врвот на фудбалска Европа. Нивната конзистентност, желба и одлична игра за око, беа вредно наградени и вреднувани.

Баерн Михен во финалето на Супер Купот ќе игра со освојувачот на Европа Лига, шпанска Севиља.