Србија поставува жичана ограда на границата со С. Македонија

0
210

Србија започна со поставување жичана ограда на границата со Северна Македонија во близина на Прешево, која наводно треба да спречи евентуални масовни илегални гранични премини, потврдено е за Радио Слободна Европа (РСЕ) во локалната самоуправа во Прешево.

Шиприм Арифи, претседател на општина Прешево во јужна Србија, 380 километри оддалечена од Белград, за „РСЕ“ изјави дека изградбата на жичаната ограда е дел од договорот со Европската унија.

„Сметаме дека оградата е во функција на дополнително обезбедување на границите на државите надвор од ЕУ од бегалците кои на крајот повторно ќе ја започнат масовната таканаречена балканска рута“, рече Арифи.

Според Радио Слободна Европа, тие побарале од Европската комисија коментар и одговор на прашањето дали биле свесни за подигнување на оградата, но одговорот од таа институција сè уште не е пристигнат.

Србија се наоѓа на таканаречената балканска рута, со која мигрантите и бегалците се обидуваат да стигнат до земјите од Европската унија.

Според најновите достапни податоци, објавени од страна на српската комисија за бегалци, на 20-ти јуни, има околу 4.800 лица во 18 центри за азил и прием во Србија.

Властите во Србија не се подготвени да дадат детали за жичаната ограда што ја поставува Србија на границата со Северна Македонија, пишува Радио Слободна Европа.