Турција заедно со Катар и некои други земји се присутни во Либија со цел да го поддржат политичкото решение во истоштената со војна земја, изјави портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Говорејќи за „Ал Џезира“, Калин рече дека Турција е загрижена што во либиските градови Сирт и Џуфра веќе една година се зголемуваат воените елементи што претставува закана за мирот и територијалниот интегритет на земјата.

Истакнувајќи дека Турција ги отфрли официјалните или неофицијалните планови во врска со разделувањето на Либија, Калин рече дека администрацијата на Анкара не сака никакви воени решенија за кое било место во Либија.

Тој додаде дека Анкара не сака да дојде во ситуација „лице в лице“ со ниту една странска земја и нагласи дека Египет е сосед на Либија кој може да преземе конструктивна улога за решавање на конфликтот.

Сепак, присуството на платеници од групата „Вагнер“ и други платеници што Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ги донесоа од земјите како Судан, Нигер и Чад беа извор на загриженост за Турција, потенцира Калин.

Тој понатаму истакна дека ослободувањето на Сирт и Џуфра од оружјето и платениците е добра идеја за запирање на судирите и може да биде прозорец на можност за политичко решение во земјата, додавајќи дека овој процес треба да се спроведе на фер и транспарентен начин.

„Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега, Владимир Путин, неодамна имаа долг телефонски разговор во кој дискутираа за развојот на настаните во Либија и Сирија“, рече Калин и истакна дека двете држави би можеле да си помагаат една на друга во Либија, како што е случајот во Сирија.

Тој рече дека Русија го поддржувала Калифа Хафтар во Либија и покрај тоа што Москва ги негираше ваквите тврдења, но истакна дека руската администрација се обидела да дејствува како посредник меѓу спротивставените страни во Либија.

На крајот, портпаролот на турското Претседателство нагласи дека верува оти во Либија може да се постигне политичко решение, и дека на Турција ќе ѝ биде драго да види која било земја, вклучувајќи ги и Египет, Катар, Германија, Русија и Италија, да придонесе кон политички дијалог.

Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на лидерот Моамер Гадафи во 2011 година. Новата Влада на земјата е формирана во 2015 година во рамки на договорот склучен со посредство на ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на водачот на силите од источна Либија, Калифа Хафтар, поддржан од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Легитимната Влада на Либија од минатиот април е под напади на силите на Хафтар, во кои загинаа над 1.000 лица. ОН ја признаваат либиската Влада предводена од Фајез ал Сараџ како легитимна власт во земјата.

Либиската Влада ја започна операцијата „Бура на мирот“ против Хафтар за да се спротивстави на нападите врз главниот град Триполи, ослободувајќи стратешки локации, меѓу кои се воздухопловната база „Ал Ватија“ и градот Тархуна.

Хафтар има поддршка од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет и Русија, додека Владата признаена од ОН е поддржана од страна на Турција.