“Помина времето кога можеше да и` се наредува на Турција, обидете се повторно, и ќе платите цена за тоа“

0
134

Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, истакна дека изјавите на кандидатот за американски претседател Џо Бајден во врска со Турција се засновани на неукост, арогантност и лицемерие, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Калин преку објава на англиски јазик на Твитер реагираше против изјавите на Бајден во врска со Турција.

„Анализата на Бајден во врска со Турција е заснована на чиста неукост, арогантност и лицемерие. Деновите за давање наредби на Турција се завршени. Но, ако сè уште мислите дека можете да пробате, повелете. Ќе ја платите цената“, напиша Калин.

Фахретин Алтун, шефот на Канцеларијата за комуникации при туското Претседателство, исто така реагираше на коментарите на Бајден, велејќи дека видеоснимката „ги отсликува игрите што се играат во врска со Турција и нивните интервенционистички ставови“.

Инаку, Џо Бајден во новообјавена видеоснимка вели дека ќе бара промена на режимот во Турција и може да ја поддржи опозицијата за симнување од власт на претседателот Реџеп Таип Ердоган на изборите во 2023 година.

Коментарите на кандидатот за претседател на Соединетите Американски Држави (САД) од редот на демократите предизвика остри критики од сите сегменти на турската политичка сцена, вклучително и од власта и опозицијата.

Односите меѓу Турција и САД од неодамна бележат несогласувања заради бројни причини како што се купувањето на рускиот систем С-400 од страна на Турција, како и операциите за борба против тероризмот во северна Сирија, каде што САД ја снабдуваат со оружје ЈПГ/ПКК – сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, одговорна за смртта на десетици илјади турски граѓани.

Една од причините е и немањето слух за барањата на Турција за екстрадиција на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО кој живее во САД и кој стои зад неуспешниот обид за пуч во Турција во 2016 година, во кој загинаа 251 луѓе.