Либанските власти пред две недели добиле писмо, во кое се предупредува за експлозија

0
122

Либанските безбедносни претставници минатиот месец го предупредиле премиерот и претседателот дека 2.750 тони амониум нитрат, складирани во пристаништето во Бејрут, претставуваат безбедносен ризик и може да го уништат главниот град во случај на експлозија.

Оваа информација ја пренесува Ројтерс.

Нешто повеќе од две недели подоцна, на 4 август, се случи експлозија во која загинаа повеќе од 220 луѓе, додека 110 граѓани сè уште се водат како исчезнати.

Повеќе од шест илјади жители се повредени, повеќе од 300 илјади луѓе ги загубија своите домови, а вкупната штета се проценува на околу 15 милијарди долари.

Ројтерс имаше увид во извештаите на Генералниот директорат за државна безбедност за настаните што доведоа до експлозија, во кое беше привлечено внимание на писмото испратено на 20 јули до претседателот Мишел Аун и премиерот Хасан Диаб.

Иако содржината на писмото не беше во извештајот, висок либански службеник за безбедност изјавил за Ројтерс дека писмото ги сумирало наодите од судската истрага започната во јануари, во која се заклучува дека хемикалиите треба да се обезбедат веднаш.

Извештајот на државната безбедност, со кој се потврдува испраќањето на писмото до либанскиот претседател и премиерот, не беше објавено претходно.

„Постои опасност овој материјал, во случај на кражба, да се користи во терористички напад“, изјави официјалниот претставник за Ројтерс.

Службеникот, кој сакал да остане анонимен, беше вклучен во пишувањето на писмото и рече дека ги предупредил властите дека евентуална експлозија може да го уништи Бејрут.

Ројтерс не можеше да ја потврди содржината на писмото, а канцелариите на премиерот и претседателот не одговорија на барањата за коментар за приемот на писмото.

Премиерот на Либан, Хасан Диаб, синоќа објави оставка на владата по последиците од катастрофалната експлозија, за што ја обвини „ендемичната корупција“ во земјата.

Ројтерс проценува дека сознанието за писмото може да предизвика понатамошни критики и јавен бес.