Минатата есен Либија и Турција постигнаа јасен договор за одвраќање на нападите на воените милиции на Калифа Хафтар, изјави денес висок либиски функционер, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Пактот за безбедносна соработка меѓу Турција и Либија во ноември минатата година во никој случај не беше наметнат од Турција“, изјави претседател на Високиот либиски државен совет Ал-Мишри, зборувајќи во Рабат, главниот град на Мароко, заедно со министерот за надворешни работи Насер Бурита.
Тој рече дека либиската Влада на национално единство (ГНА), побарала помош од турските сили, откако Хафтар бил поддржан од неколку земји и додаде дека Либија нема моќ да го брани својот легитимитет против сите тие земји.
Ал-Мишри рече дека Либија немала друг избор освен да побара помош од Турција, откако Хафтар, благодарение на поддршката од многу земји, дошол од предградието на главниот град Триполи.
„Високиот државен совет на Либија и Претставничкиот дом со седиште во Тобрук, сојузник на Хафтар, имаат потенцијал да постигнат решение“, рече тој.
Бурита изјави дека е потребно да се примени Договорот Сухејрат постигнат 2015 година за да се овозможи Владата на национално единство (ГНА) признаена од ОН, да управува со процес во Либија.
За време на посетата на Мароко, Ал-Мишри и Агила Салех Иса, шефот на Претставничкиот дом, се состана со Бурита и портпаролот на мароканскиот парламент, Хабиб ел Малки.
Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на лидерот Моамер Гадафи во 2011 година. Новата Влада на земјата е формирана во 2015 година во рамки на договорот склучен со посредство на ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на водачот на силите од источниот дел на Либија, Калифа Хафтар.
Легитимната Влада на Либија од минатиот април е под напади на силите на Хафтар, во кои загинаа над 1.000 лица.