БАКУ (АА) – Азербејџан денес соопшти дека е соборено ерменско беспилотно летало во екот на засилените тензии долж границата меѓу двете земји, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Дронот „Х-55“ вршел извидувачки активности на азербејџанските позиции во близина на селото Агдам во подрачјето на Товуз, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Азербејџан.
Ова е трето уништено ерменско беспилотно летало во последните два дена.
Ерменската војска на 12 јули започна со напади врз позициите на азербејџанската војска во Товуз, а азербејџанската страна одговори на нападите и го спречи ерменскиот обид да ги окупира пограничните области на тој стратешки важен регион.
Ерменските сили изведоа напади врз азербејџанскиот пограничен регион Товуз низ кој минуваат и неколку важни енергетски и инфраструктурни проекти што заеднички ги реализираат Турција и Азербејџан.
Ерменија на почетокот од 1990-те години го окупираше азербејџанскиот регион Нагорно Карабах и уште седум други соседни азербејџански региони, а досега во многу наврати е кршено примирјето договорено од двете земји во 1994 година.
За разлика од досегашните судири кои избиваа на линијата на разграничување на окупираните азербејџански региони, овој пат ерменските сили судирите ги започнаа на границата меѓу двете земји.
Турција ги осуди ерменските напади и порача дека е подготвена со сите ресурси да го поддржи братскиот Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и одлуките на многу меѓународни организации, ја осудија нелегалната окупација и побараа повлекување на ерменските сили од Нагорно Карабах и од останатите седум окупирани региони на Азербејџан.
Anadolu










