ИСТАНБУЛ (АА) – Абдуррахман Бајсој, сопственик на хотелот „Бајкал“, сместен во истанбулската област Фатих, им нуди бесплатно хотелско сместување на оние што доаѓаат во градот на Босфорот за отворањето на џамијата Аја Софија за молитви на 24 јули, јавува Агенција Анадолија (АА).

Бајсој, по одлуката на турскиот Суд и декретот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Аја Софија повторно да стане џамија, сакаше да даде свој придонес. Така, донел одлука хотелот, кој има 25 соби и капацитет од 60 кревети, да ги отвори своите врати за гостите кои доаѓаат на отворањето.

Хотелот не прима нови резервации и сите соби ги стави на располагање на гостите кои доаѓаат од другите делови на Турција, но и од странство, за отворањето на Аја Софија за молитви.

Тој за АА изјави дека се многу среќни што Аја Софија по 86 години се враќа на својата претходна намена и дека им се благодарни на оние што придонеле за донесување на оваа одлука, особено на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Додаде дека тие сакаат да направат нешто за луѓето од Турција и странство, без разлика дали се муслимани или не, кои доаѓаат во Истанбул за да бидат сведоци на овој историски чин.

„Оние што имаат проблем со сместување, а сакаат да бидат тука, ги повикуваме да дојдат и бесплатно да престојуваат во нашиот хотел“, рече Бајсој.

Додаде дека сите 25 соби и 60 кревети се наменети за сместување на гости кои доаѓаат за отворањето на Аја Софија за молитви.

„Идејата за ова ја споделивме и со членовите на семејството, кои ни дадоа поддршка. Во тој период, хотелот го наменивме за оние што доаѓаат за Аја Софија. Во моментов имаме неколку гости, но не примаме нови. Оние што доаѓаат за историскиот чин, можат да останат во нашиот хотел тој ден, а да го напуштат во сабота, 25 јули“, рече Бајсој.

Anadolu