БАКУ (АА) – Даница Веиновиќ, вршителката на работите на Амбасадата на Србија во Азербејџан, е повикана во Министерството за надворешни работи на Азербејџан со образложение дека Србија испраќа оружје во Ерменија во време кога судирите на границата помеѓу Ерменија и Азербејџан сè уште траат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерство за надворешни работи на Азербејџан, заменик-министерот за надворешни работи Халеф Халефов, имал средба со Веиновиќ.
Од Министерството се наведува дека имаат доверливи и потврдени информации дека од Србија до Ерменија е испратена голема количина муниција и минофрлачи.
Потсетувајќи дека Ерменија користела повеќе топови и минофрлачи во нападите започнати во регионот Товуз на 12 јули, Халефов наведе дека како резултат на нападите загинале 12 војници на азербејџанската Армија, од кој еден генерал и еден цивил.
Халефов наведе дека постои договор за стратешко партнерство меѓу Азербејџан и Србија и дека овој чекор на Србија, кој значи поддршка на нападот против територијалниот интегритет на Азербејџан и окупаторската политика на Ерменија, не е пријателски и предизвикува тага и разочарување кај азербејџанскиот народ и раководството.
Заменик- министерот Халефов додаде дека тие очекуваат објаснување од Србија во врска со тоа.
Веиновиќ истакна дека нема никакви сознанија во врска со наводите и дека ќе им ја пренесе ситуацијата на претпоставените.
Anadolu









