ТУНИС (АА) – Тунискиот премиер Елијас Фахфах денес ја поднесе својата оставка од функцијата до претседателот на државата, откако над 100 пратеници го принудија да се соочи со гласање за недоверба, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Заедно со Фахфах, претседателот Каис Саид во палатата во Картагина ги прими Рашид ал Гануши, претседателот на Собранието и лидер на Движењето Енахда, и Нуредин Табуби, генералниот секретар на Конфедерацијата на Туниската генерална работничка унија.

За време на состанокот, Фахфах ја поднел својата оставка.

Претседателството на Тунис допрва треба да даде официјално соопштение во врска со тоа.

Група од 105 туниски пратеници претходно денес поднесоа петиција до Парламентот барајќи гласање за недоверба за Владата на Фахфах.

Од 27 февруари Фахфах е на чело на коалициска Влада во која се вклучени Енахда, Демократското движење, Народното движење, Движењето Хајат Тунис и Националниот реформистички блок.

Според Уставот на Тунис потребни се 109 гласа за изгласување недоверба на Владата.

Во понеделникот, Националната антикорупциска управа – независно уставно тело – поднесе документи за приходите на Фахфах до судството и претседателот на Парламентот.