Трамп: „Америка е под опсада на крајнолевичарски фашизам“

by Administrator

Доналд Трамп изјави дека историјата на САД се наоѓа под опсада на крајнолевичарскиот фашизам во својот говор што го одржа во подножјето на Маунт Рашмор по повод празникот Ден на независноста.

Тој го бранеше симболизмот на статуите и спомениците, а оние кои ги напаѓаат обележјата на конфедерациските лидери ги опиша како „гневна толпа“.

„Демонстрациите за расна еднаквост се безмилосна кампања која има за цел да ја избрише нашата историја, да ги оцрни нашите херои, да ги избрише нашите вредности и да ги индоктринира нашите деца. Ние нема да бидеме замолчени“, кажа Трамп.

Малкумина меѓу присутните носеа маска, а Трамп речиси и не ја спомна пандемијата на коронавирусот, која досега однесе речиси 130.000 животи во САД.

Обраќајќи му се на самиот споменик Маунт Рашмор во Јужна Дакота, Трамп кажа дека тој „ќе стои засекогаш како вечна посвета на нашите основачи и нашата слобода“.

„Оние кои ги напаѓаат и уништуваат симболите на нашето национално наследство ќе се соочат со долги казни“, рече Трамп.

Тој е првиот американски претседател од Џорџ Буш во 1991 година кој присуствувал на прославата на 4 Јули кај Маунт Рашмор.


SDK

You may also like