АНКАРА (АА) – Санкциите во согласност со „Законот за цивилна заштита во Сирија – Цезар“, иницирани од Соединетите Американски Држави (САД) поради цивилите убиени од режимот на Асад во Сирија, мобилизираа стотици илјади луѓе кои ги бараат своите роднини во затворите, јавува Агенција Анадолија (АА).

Откако на 17 јуни стапи на сила „Законот за цивилна заштита во Сирија – Цезар“, кој предвидува санкции против Асад и неговите поддржувачи, во последните денови стотици луѓе ги посетија линковите на фотографиите објавени претходно.

Меѓу фотографиите за кои се вели дека им припаѓаат на оние што починале во затворите на режимот на Асад, сириските семејства ги бараат своите роднини.

– „Објавени повеќе од 6 илјади фотографии од починатите“ –

Имадудин Рашит, основач на сириското Здружение на загубени лица и затворени интелектуалци со седиште во Франција, за АА изјави дека на интернет-страницата се споделени повеќе од 6.000 фотографии на лицата што починале од тортурата на режимот.

Наведувајќи дека тие први ги објавиле фотографиите во март 2015 година откако се увериле во нивната автентичност, Рашит рече: „Досието што е кај нас е одобрено од меѓународни истражувачи. Во периодот што следуваше кај нас се јавија блиските на 731 починато лице. 85 отсто од нив ги споделија имињата на загинатите. Околу половина од нив ни изјавија дека се подготвени да сведочат заедно со нас на суд.“

– Бројот на посетители достигна 1 милион –

Истакнувајќи дека откако Законот „Цезар“ стапил на сила има голем интерес за нивната интернет-страница, Рашит рече: „Семејствата што ја посетија нашата страница почнаа на споделените линкови да ги бараат роднините. Нови фотографии не внесовме. Последен пат во февруари споделивме 50-60 фотографии. Досега нашата страница ја посетија 983.531 лице.“

Рашит рече дека фотографиите на починатите се објавени во согласност со законските рамки. „Семејствата се вознемирени од тоа што фотографиите се споделуваат на социјалните мрежи. На овој начин се повредуваат роднините на жртвите. Ние кога ги споделуваме фотографиите, укажуваме на тоа за која цел ги споделуваме. Не дозволуваме пристап на лица што се под 18-годишна возраст.“

– Законот за цивилна заштита во Сирија – Цезар

Законот „Цезар“ е усвоен во американскиот Конгрес во декември 2019 година и стапи во сила на 17 јуни.

Законот е наречен „Цезар“ (Caesar), во спомен на воениот полицаец со тоа кодно име, кој ги објави фотографиите за злосторствата врз човештвото и тортурата извршена од страна на режимот во Сирија.

Фотографиите направени од воениот полицаец со кодно име „Цезар“ за прв пат беа објавени во 2014 година од Агенцијата Анадолија (АА). Наведените фотографии имаа големи реперкусии како доказ за воените злосторства извршени од режимот на Асад, вклучително и за систематската тортура, а исто така и за тоа дека лицата биле оставени и да гладуваат.

На 18 декември 2019 година, американскиот Сенат го усвои нацрт-законот, кој предвидува дополнителни санкции врз поединците и организациите што даваат помош за активностите на режимот на Асад и на неговите поддржувачи, Русија и Иран, во Сирија.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, го потпиша Законот за цивилна заштита во Сирија – Цезар, кој беше додаден во буџетот за одбрана на САД за 2020 година, на 21 декември минатата година.

Според Законот што стапи во сила на 17 јуни, ќе може да се воведат санкции за режимот и за странските лица и организации што ги поддржуваат компаниите кои дејствуваат во име на Русија и Иран.

Anadolu