Претседателот на САД, Доналд Трамп изјавил во понеделникот дека САД ќе го намалат бројот на американски трупи распоредени во Германија на 25.000, што претставува намалување за околу 9.500.
САД сега имаат околу 34.500 војници во Германија, значително помалку отколку за време на Студената војна, кога Германија беше во фокусот на американските напори и на НАТО за обесхрабрување на советската инвазија. Во последните децении, Германија беше домаќин на клучните воени објекти на САД и транзитна точка за трупите распоредени на Блискиот исток.
Обраќајќи се на новинарите, Трамп рече дека Германија не троши доволно пари за одбрана, како што бара НАТО, нарекувајќи го својот долгогодишен сојузник „деликвент“. Имено, Германија не ја постигна целта поставена од сите членки на НАТО во 2014 година, да потроши најмалку два проценти од БДП за одбрана до 2024 година.
„Значи, ние ја заштитуваме Германија и тие се деликвентни. Тоа нема никаква смисла. Па, реков, ние ќе го намали бројот на 25.000 војници“, изјавил Трамп и додал: „Додека не платат, ние ги намалуваме нашите трупи, голем број од нашите војници“.
Трамп истакнал дека неговата одлука за повлекување на трупите е казна за Германија затоа што присуството на војниците ја зајакнува економијата.
„Овие се добро платени војници. Тие живеат во Германија и трошат огромни суми пари во таа земја. Опкружувањето на овие бази е многу напредно. Значи, Германија одзема, а згора на тоа се однесува многу лошо во трговијата со нас“, додал американскиот претседател.
Неговиот пристап е прва официјална потврда за намалувањето на трупите во Германија, за првпат пријавена од „Волстрит Журнал“ на 5 јуни, а подоцна потврдена за Ројтерс од висок американски службеник, кој зборувал под услов на анонимност.
Објавувањето на плановите на Трамп да премести 9.500 војници од Германија, еден од најголемите сојузници на САД, ги налути германските власти и предизвика загриженост во американскиот Конгрес дека земјата се повлекува од светската сцена.
Германската амбасадорка во САД, Емили Хабер во понеделникот изјавила дека американските трупи не биле таму за да ја бранат Германија, туку да ја бранат трансатлантската безбедност, додавајќи дека Берлин бил информиран за планот за намалување на трупите.
Одлуката не била разгледана однапред со Германија или други членки на НАТО, а американскиот Конгрес не бил официјално известен, поради што 22 републикански членови на Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом протестирале со писмо, во кое се вели дека намалувањето на американските трупи во Германија ќе „наштети на националната безбедност и ќе ја поттикне руската агресија“.
Netpress
