Датумот за избори и натаму неизвесен, партиите преговараат

0
177

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски за РСЕ вели дека за организирање избори се потребни 35 до 50 дена. Во меѓувреме ниту од СДСМ ниту од ВМРО- ДПМНЕ не одговараат на новинарски прашања како течат преговорите за датум за избори. В сабота истекува вонредната состојба во државата, а дотогаш партиите треба да се договорат кога би се одржале изборите.

Политичките партии очигледно продолжија со преговорите за датумот за избори во пресрет на истекувањето на важноста на вонредната состојба в сабота. Ова го потврди вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи кој на денешната прес конференција истакна дека треба да се почекаат неколку денови за да се види како ќе се одвиваат партиските консулатации и епидемиолошки трендови. Тој истакна дека здравјето на граѓаните е пред било кој општествен процес, но дека темата избори се наметнува.

„Затоа што ние сме уникатен пример во светот, кој во тек на пандемија нема функционален парламент по ничија вина. Затоа што се распушти Собранието со намера да имаме избори на 12 април. Во однос на изборите, на сите ни е јасно дека во вакви услови, класична кампања во смисла на собири и средби со граѓани не може да има. Дилемата е повеќе дали изборниот ден се разликува од другите секојдневни активности на граѓаните кога ги обавуваат своите нормални животни функции. Тоа ќе се има во предвид при донесувањето на конечната одлука. Датумот треба формално да го потврди претседателот на Собранието изменувајќи ја одлуката за распишување на изборите на 12 април“, одговори на новинарско прашање Османи, на денешната прес конференција.

Во меѓувреме ниту од СДСМ ниту од ВМРО- ДПМНЕ официјално не одговараат на новинарски прашања како течат преговорите за датум за избори.

Ова следува откако вчера еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на својот официјален твитер профил напиша дека разговарал со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на кои им ја нагласил „важноста за слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, земајќи ја предвид ситуацијата со ковид-19, како и потребата од ефикасни мерки за економско закрепнување“.

Според Османи телефонскиот разговор на Вархеји со Мицкоски и Заев за изборите смета дека не е надворешна медијација туку дека станува збор за внатрешно посредување бидејќи земјава веќе е внатрешно прашање на ЕУ.

Османи: Вархеји посредува бидејќи сме внатрешно прашање на ЕУ

„Како некој внатре во државата да посредува помеѓу партии или институции така ја разбирам улогата на комесарот Вархеји. Добрдојдена е тој вид на медијација и се надевам дека партиите ќе смогнат сили да постигнеме консензус“, изјави Османи.

Деркоски: За организирање избори се потребни 35 до 50 дена

Со последната владина одлука за продолжување со изборните активности не се согласува претседателот на државната изборна комисија Оливер Деркоски. Владата вчера одлучи МВР да започне со ажурирање на податоците и во рок еден ден до Државната изборна комисија да достави листа на граѓани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта во периодот по распишувањето на изборите. МВР дополнително треба до ДИК да достави и листа на граѓани кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите односно како што се вели во владината уредба до 22-от ден од престанокот на траењето на вонредната состојба.

Со ова одлука на Владата, Државната изборна комисија и државниот завод за статистика се должни да го стартуваат ажурирањето на избирачкиот список, процес кој беше стопиран на 21 март годинава со воведувањето на вонредната состојба.

Повеќе на:РСЕ