Министерот за надворешни работи на Германија, Хаико Мас, истакна дека нелегалните еврејски населби изградени на Западниот Брег, што се под окупација на израелската администрација, и планот за „анексија“ на Јорданската Долина не се во согласност со меѓународното право, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мас, кој допатува во Тел Авив со цел да ја предупреди израелската администрација по прашањето на планот за „анексија“, во Израел оствари средба со својот колега Габи Ашкенази.
Двајцата министри по средбата одржаа заедничка прес-конференција, давајќи проценка за одржаната средба.
Потнцирајќи дека во врска со израелско-палестинското прашање го поддржува дводржавното решение, Мас рече: „Како Европска Унија сметаме дека анексијата не е во согласност со меѓународното право.“
Не давајќи одговор на прашањето каква би била реакцијата на Берлин и на Европската Унија доколку Израел го спроведе планот за „анексија“, Мас рече: „Јас не можам да знам каква ќе биде цената на тоа. Како ЕУ, согласни сме дека е потребно продолжување на дијалогот со Израел. Денес сум во Израел за да се информирам во врска со плановите на новата Влада.“
– „Можно е решението за две држави да стане непрактично“
Изразувајќи загриженост поради израелскиот план за „анексија“, германскиот министер Мас посочи дека во таков случај нема да биде возможно дводржавно решение на палестинско-израелското прашање.
Израелскиот министер за надворешни работи Ашкенази во своето обраќање тврдеше дека таканаречениот мировен план што го објави американскиот претседател, Доналд Трамп, претставува пресвртна точка за регионот.
Истакнувајќи дека Израел ќе продолжи да го спроведува таканаречениот мировен план на Трамп во координација со САД, Ашкенази изрази надеж дека Израел ќе почека со својата конечна одлука, чекајќи го одговорот на Берлин на израелскиот план за „анексија“.
По средбата со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, и со министерот за одбрана, Бени Ганц, германскиот министер Мас ќе отпатува за Јордан.
– Планот на Израел за анексија на Западниот Брег
Планот за анексија е дел од таканаречениот „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, што беше објавен на 28 јануари. Според планот, Ерусалим (Кудс) е неделива престолнина на Израел, а се признава и израелскиот суверенитет над голем дел од Западниот Брег.
Планот предвидува формирање палестинска држава во форма на архипелаг, поврзан со мостови и тунели.
Палестинските власти велат дека според планот на САД, Израел ќе анектира 30 – 40 отсто од Западниот Брег, и целиот Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Заедничка комисија составена од американски и израелски официјални претставници го започна процесот на исцртување на картата за „анексија“ на регионите на Западниот Брег според таканаречениот мировен план.
Според договорот за коалиција, потпишан од Нетанјаху и лидерот на Сино-белата алијанса, Бени Ганц, израелскиот премиер од 1 јули ќе може да ја даде анексијата на нелегалните еврејски населби во окупираниот Западен Брег и во Јорданската Долина на одобрување во Владата или Собранието.
Anadolu










