ПРИШТИНА (АА) – Владата на Косово денес ги укина реципрочните мерки кон Србија, што ги воведе Владата на поранешниот премиер Албин Курти по укинувањето на таксите од 100 отсто за увоз на стока од Србија, јавува Агенција Анадолија (AA).

На предлог на премиерот на Косово, Авдулах Хоти, со гласовите на мнозинството од владиниот Кабинет поништени се одлуките на претходната Влада воведени на 20 март и 30 мај за постепено воведување реципроцитет кон Србија, наместо таксите од 100 отсто на стоки од Србија.

Против оваа одлука гласаа членовите на Владата од Алијансата за иднина на Косово на Рамуш Харадинај, кој како премиер во декември 2019 година воведе 100-процентни такси на стоките од Србија и Босна и Херцеговина.

Премиерот Хоти, по седницата на Владата, пред новинарите изјави дека со укинувањето на претходната одлука за воведување реципроцитет отстранета е пречката за продолжување на дијалогот со Србија. Хоти рече дека тоа го очекува и од Србија.

Истакна дека отстранувањето на пречките од косовска страна ќе важи одредено време, со цел да му се пружи шанса на дијалогот, додека од меѓународните партнери се очекува да извршат притисок врз Србија. Додаде дека во случај дијалогот да не даде резултати, Владата на Косово го задржува правото да ги врати мерките.

Србија го прекина дијалогот кога Косово воведе 100-процени такси на увозот на стока од Србија, а меѓународната заедница, особено Соединетите Американски Држави (САД) инсистираа на нивно укинување, со цел создадавање услови за продолжување на дијалогот.

Во исто време, од Србија се бараше да ја прекине својата агресивна кампања за повлекување на признавањето на независноста на Косово и лобирањето против зачленувањето на Косово во меѓународните организации како што се УНИЦЕФ и ИНТЕРПОЛ, што беше причина за воведувањето на таксите.

Потоа, поранешниот премиер и лидер на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, одлучи да ги замени таксите со реципроцитет, со што не се согласуваше Демократскиот сојуз на Косово, коалициониот партнер во Владата, и тоа доведе до пад на Владата на Курти по само 52 дена работа. Курти ги укина таксите за Босна и Херцеговина без воведување реципрочни мерки.

Anadolu