Италија ги отвора границите, дозволени пристигнувања и од Шенген зоната

by Administrator

По тримесечна блокада поради пандемијата на коронавирусот, Италија од денеска ги отвора регионалните граници со што овозможува поголема слобода на движење за повеќе од 60 милиони жители во земјата, а се дозволени и пристигнувања од Шенген-зоната без карантин.

Регионалните граници се отворени уште на полноќ и покрај спротивставените ставови на италијанските власти за Ломбардија, регион што беше најтешко погоден со ковид-19. Одредени области во Италија, сепак, ги засилуваат контролите и мерките за спречување на ширењето на вирусот преку „следење на туристите“ со дигитални апликации, мерење на температурата со термички скенери, итн.

Ломбардија, Венето и Лигурија побараа целосно враќање во нормала, Тоскана побара уште една недела чекање, Кампања ја критикуваше одлуката за отворање на границите, а Сардинија најави „здравствени пасоши“ за пристигнување на туристите, што министерот за регионални работи, Франсоа Боа, го смета за неуставно.

Забраната за собири и обврската за безбедно растојание меѓу луѓето е сè уште на сила во Италија со цел да се спречи ширењето на ковид-19 во земјата во која починаа над 33.000 лица. Употребата на заштитна маска е задолжителна во затворен простор, вклучително и во јавниот превоз, а во регионите Ломбардија, Трентино, Фриули-Венеција, Пулија, Кампања, но и во градот Џенова маските се задолжителни и на отворено. На железничките станици телесната температура на патниците ќе се мери со термички скенери, а доколку е над 37,5, нема да им биде дозволено да патуваат со воз.

Во Италија продолжуваат да работат 24. аеродроми, пристигнувањето е дозволено од 26 држави и тоа без карантин, додека пристигнувањата од земјите надвор од Шенген-зоната ќе бидат дозволени од 15 јуни.

Италија е прва земја во Европа што воведе карантински мерки на целата територија на почетокот на март, а со првично олеснување на рестриктивните мерки почна од 4 мај. По денешното отворање на границите, за 15 јуни е најавено и отворање на кината и на театрите, а училиштата и стадионите ќе останат затворени.

Повеќе од 233.000 лица во Италија се заразија со ковид-19 од почетокот на кризата, а во моментот има околу 39.000 активни случаи.

NovaTv

You may also like