ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп го одложи Самитот Г-7, што требаше да се одржи во јуни, најмалку до септември, јавува Агенција Анадолија (AA).
Порача дека на тој собир на светските влади сака да ги покани и Русија, Австралија, Индија и Јужна Кореја.
Истакна дека оваа одлука ја донел бидејќи не чувствува дека групата од седумте индустриски најразвиени земји го претставува она што се случува денес во светот.
„Тоа е многу застарена група на земји“, им рече Трамп на новинарите.
Трамп неодамна изјави дека планира да биде домаќин на самитот во живо следниот месец, но се соочи со помешани одговори од челниците на другите земји поради пандемијата на коронавирусот.
Групата Г-7 (светски економски врв) е називот на советодавниот форум на седумте најзначајни индустриски земји во светот.
Форумот го сочинуваат претседателите на владите на САД, Канада, Јапонија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија. На конференциите се разговара за глобалните проблеми на светската економија, како што се меѓународните долгови, енергетиката, заштитата на животната средина, меѓународната трговија со оружје и дрога.
Тоа е пример за група на земји кои не сочинуваат одредена официјална организација, немаат заеднички тела или седиште.
Претседателите или министрите на овие земји повремено се состануваат за да го координираат делувањето на нивните влади во полето на економијата и меѓународната политика.
Anadolu










