Претседателот на Иран, Хасан Рохани во телефонски разговор со претседателката на Швајцарија, Симонета Сомаруга побара од швајцарските власти да бидат поефикасни против американските санкции воведени на Иран, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како наведува иранската новинска агенција ИРНА, Рохани и Сомаруга разговарале за билатералните односи и најважните глобални прашања.

„Наше очекување од Швајцарија е да заземе поефикасна улога во овие чувствителни денови кога САД дополнително ги зголемуваат своите незаконски и нечовечни санкции против Иран “, порача Рохани за време на разговорот.

Претседателот на Иран исто така изјави дека сите земји низ светот поминуваат низ тежок период поради пандемијата на Ковид-19, истакнувајќи дека ситуацијата во која се наоѓа иранскиот народ е дополнително влошена со американските санкции и економската криза.

Рохани исто така побара да биде активен европскиот механизам ИНСТЕКС – Инструмент за поддршка на трговската размена, кој кон крајот на јануари 2019 година го договорија Германија, Франција и Велика Британија.

ИНСТЕКС е европски инструмент за финансиски трансакции со Иран за да се одбегнат американските санкции.

Рохани порача дека сите земји потписнички треба да ги исполнат своите обврски за да се сочува постоечкиот нуклеарен договор.

Сомаруга го нагласи значењето на јакнењето на билатералните односи на Швајцарија и Иран, додавајќи дека нејзината земја се залага за имплементација на ИНСТЕКС.

„Кредитните средства кои Иран ги побара од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) можат да се добијат со активирање на ИНСТЕКС“, додаде таа.

Владата во Техеран побара во март кредит од пет милијарди долари од ММФ, но поради американските притисоци Иран не ги доби парите.

Истакнувајќи дека нејзината земја е подготвена да ги вложи сите можни напори за заштита на нуклеарниот договор, Сомаруга изјави дека во тој поглед ќе ги поттикне и другите европски земји кои се страни во договорот.

Американската администрација во мај 2018 година еднострано се повлече од договорот потпишан во 2015 година, а потоа започна да воведува санкции на Техеран. Кон средината на 2015 година Иран го потпиша нуклеарниот договор со групата земја П5+1 (пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија).

Иран ги темели чекорите на намалување на своите обврски во нуклеарниот договор врз основа на член 36. од Договорот, кои, доколку санкциите не бидат укинати, имаат право да го запрат договорот во целост или делумно.

Швајцарија е позната по посредување во решавањето на споровите меѓу САД и Иран.

Anadolu