Академик од Универзитетот „Питсбург“ во САД кој вршел истражувања за новиот тип коронавирус (Ковид-19), пронајден е мртов во својот дом, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според веста што ја објави телевизискиот канал „Си-ен-ен“ (CNN), полицијата на гратчето Рос, кое потпаѓа под управа на градот Питсбург, во неговиот дом го пронашла мртов проф. д-р Бинг Лиу, по потекло од Кина. На телото на д-р Лиу воочливи се траги од куршуми во пределот на главата, вратот и на различни делови од телото.

Универзитетот објави дека д-р Лиу спроведувал многу значајно истражување во врска со Ковид-19, а полицијата соопшти дека станува збор за очигледно убиство.

Полицијата информира дека убиецот на д-р Лиу, чиј идентитен не е објавен, по убиството си го одзел животот во сопственото возило, истакнувајќи дека засега не се пронајдени наоди дека д-р Лиу бил цел поради тоа што е Кинез.

Во соопштението што Универзитетот го даде за смртта на д-р Лиу се изразува длабока жалост поради неговата „трагична смрт“ и се вели дека тој бил продуктивен истражувач.

Колегите на д-р Лиу од Одделот за компјутерска и системска биологија при Универзитетот „Питсбург“ истакнаа дека тој бил пред многу значајно откритие во неговото истражување кое се однесувало на разбирање на клеточните механизми кои стојат во основата на инфекцијата на Ковид-19 и на клеточната основа на тие компликации.