Во текот на неделава закажани се два состаноци во рамките на Светската здравствена организација и на Европскиот самит за отворањето на границите, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој рече дека овие одлуки ќе се носта зеднички во регионот бидејќи залудна би била добрата стратегија на државата ако се отворат границите и без контрола почнат да се пуштаат патници.

„ За утре е закажан состанок на СЗО токму за нашиот регион, а во среда Европскиот самит има дискусија за таканаречена излезна стратегија’. Една од темите на двата состаноци ќе биде токму отворањето на границите. Има сè уште многу отворени прашања. Зборував со моите колеги од регионот, грчкиот колега ме извести за отворање на границите во јуни, во мај тоа нема да се случи. Затоа, околу патувањата може да се зборува само после координацијата со соседните земји“, рече Филипче.

Тој рече дека дека многу ќе постигнеме со овој заеднички состанок и координација поради тоа што може да донесеме некакви мерки кои што ќе ги почитуваат сите граѓани, од сите околни земји, ако патуваат било каде.

„Сметам дека само тоа може да биде една успешна приказна. Зашто непочитување на мерките, не само кај нас, туку и во која било друга земја, е загрозување на јавното здравје – дома или таму во странство“, рече Филипче.

На новинарско прашање зошто на еден начин се прескокнува летото и никој не го гледа како период во кој би можело да има пик на коронавирусот, Филипче рече дека според сите проценки, Ковид-19 ќе се префрла во јужната хемисфера.

„Не го прескокнуваме летото, но ова се смета за вирус кој е респираторен и според сите очекувања и претпоставки, тој сега ќе се префрли во јужната хемисфера и постои ризик да се врати на северната хемисфера на есен. Барем засега, така се движат предвидувањата“, изјави Филипче.

Во однос на Словенија, која им препорачала на своите граѓани да патуваат со автомобили до блиски дестинации и да не користат авиони и бродови, министерот смета дека има логика во тоа, но се поставува прашање, рече, дали и странците би ги почитувале тие препораки.

Во однос на отворање на базените, одговори дека како и за сите други спортски објекти, работата и организацијата на тренинзите и натпреварите е предмет на мерките што ќе ги официјализираат до крајот на оваа недела. За сугестиите од некои пливачки клубови дека хлорот во водата не влијае на ширење на вирусот, Филипче  одговори дека проблем може да предизвика самото собирање на луѓето и користење на  соблекувалните  во базените.

Nova