Како последица од воведените мерки за превенција од ширењето на новиот тип на коронавирус (KОВИД-19), голем број земји од светот ги откажаа летовите од меѓународните аеродроми и во исто време ги затворија своите граници. Поради тие причини, 10 државјани на Македонија останаа заглавени во Нигерија.
Енес Џемаили од Скопје е еден од 10-те лица заглавени во Нигерија кои се вратија во Македонија преку Турција.
Во телефонскиот разговор со Anadolu Agency (AA), Џемаили рече дека се наоѓаат во карантин во хотел во Скопје, упатувајќи ја својата благодарност до властите на Турција и Македонија што им овозможиле да се вратат дома.
Тој потсети дека за Нигерија заминале на 21 февруари годинава, каде работеле за турска компанија која се занимава со изградба и монтажа на аквапаркови, а околу еден месец подоцна границите биле затворени и тие останале во Нигерија.
– „Првично, беше тешко да стигнеме до Абуџа“
Џемаили рече дека првично контактирале со дипломатските претставништва наМакедонија, но нагласи дека сепак Република Турција е „главниот фактор“ за нивното враќање дома.
„Бевме во Агбор, град на околу 500 километри оддалеченост од главниот град Абуџа. Првично беше тешко да стигнеме до Абуџа. Таму аеродромите беа затворени, сè беше затворено и моравме да патуваме со автомобил, што е малку тешко и проблематично таму“, вели Џемаили, потсетувајќи дека пристигнале во главниот град на Нигерија со полициска придружба.
Тој ѝ се заблагодари на Република Турција која испратила авион да ги собере турските државјани во таа земја, но притоа ги зела и 10-те државјани на Северна Македонија.
„Во Измир пристигнавме во сабота, на 25 април. Беше организиран автобуски превоз до Македонија“, рече Џемаили, додавајќи дека во Северна Македонија пристигнале вчера, 26 април.
Џемаили ја изрази својата благодарност и до надлежните од Македонија и Турција, кои како што вели, секој ден контактирале со групата за времетраењето на постапката за враќање, интересирајќи се за нивната состојба.
Како што е предвидено со мерките за превенција на ширење на заразата на новиот тип на коронавирусот воведени од страна на владата на Македонија, граѓаните кои се вратија од Нигерија, која не е земја со висок ризик од Ковид-19, сместени се во хотел во Скопје, каде ќе го поминат периодот на карантин од најмалку 14 дена.
Џемаили рече дека ниту еден член на групата не покажал симптоми на Ковид-19, додавајќи дека за време на патувањето имале лекарски прегледи во Турција и Македонија.








