Италија конечно ја слушна веста што ја очекуваше со недели.. За точно една недела италијанците ќе можат да излезат од дома прв пат по два месеца строг карантин.

Постепеното отворање на земјата ќе започне од 4ти мај, кога граѓаните ќе можат да прошетаат низ парковите и зелените површини, соопшти премиерот Џузепе Конте.

Една од мерките која ќе донесе посебна радост кај граѓаните е што повторно ќе можат да се сретнат со своите најблиски од кои беа отсечени речиси 8 недели, но тоа ќе треба да го направат со задолжителна заштитна опрема и само доколку се наоѓаат во ист регион.

Токму на оваа тема поразговаравме со Доротеја Черезони, македонка која 23 години живее во Милано, Ломбардија, регионот кој ги претрпе најголемиот удар на вирусот. Доротеја тоталниот карантин го поминува со своите родители, кои дошле кај нејзе на гости зимоска, но останале во Италија, чекајќи кризата да помине.

Таа вели дека за време на карантинот најмногу и недостига сестра и, а и со новите мерки ќе треба уште малку да почекаат на средба бидејќи таа исто живее во Италија, но во друг регион. 4-ти мај го очекува со нетрпение, кога освен што ќе се врати на работа, ќе може да прошета и низ улиците на градот – светски центар на модата.

Доротеја била вклучена и во хуман активизам. Додека била во целосна изолација сошила околу 500 заштитни маски, кои преку невладини организации бесплатно биле донирани на ранливите и социјално-загрозени граѓани.