ИСТАНБУЛ (АА) – Турција наскоро ќе започне со сериско производство на респираторни вентилатори од домашно производство, потребни во борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19, соопшти денес шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Мобилизацијата на нашата влада да се произведат сите потребни медицински средства вроди со плод. Наскоро ќе започнеме со сериско производство на турскиот респиратор Сахра“, напиша Фахретин Алтун во серија твитови. „Решени сме да обезбедиме да не ѝ биде потребна помош на Турција однадвор за медицински материјали.“
Домашниот апарат за механичко дишење по име „Сахра“ или Пустина, беше најавен минатата недела од турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар.
Алтун истакна дека Анкара веќе има испратено медицинска помош до 54 нации, вклучувајќи комплети за тестирање, маски и ракавици и дека „Турција дава поддршка на многу нации и сојузници во ова тешко време како хуманитарна должност“.
Тој ги нагласи глобалните напори на претседателот Реџеп Таип Ердоган „за креирање заеднички одговор помагајќи на нациите поединечно“.
„Некои од неговите најнови дипломатски разговори за коронавирусот беа со канцеларката [Ангела] Меркел и со емирот [Шеик Тамим бин Хамад] Ал Тани. Во разговорите стана збор за актуелната криза и за иднината“, рече тој во врска со телефонските разговори реализирани вчера со лидерите на Германија и Катар.
„Дома, ние продолжуваме да им помагаме на нашите граѓани за време на Рамазан преку дополнителен пакет помош во вредност од 176 милиони турски лири [25 милиони долари]“, додаде Алтун.
„На сите граѓани ќе им биде даден дополнителен интернет од 1 GB со цел да им помогне да комуницираат со своите најблиски“, истакна тој.
Осврнувајќи се на Рамазан, тој им посака на муслиманите низ светот безбеден, здрав и среќен Рамазан.
„Нашите браќа и сестри низ светот мора да знаат дека Турција секогаш ќе биде тука за нив. Додека ги планираме чекорите за нормализација кон крајот на Рамазан, се надеваме дека ќе го прославиме Рамазан бајрам во поздрав свет!“, порача Алтун.
Вирусот Ковид-19 откако за првпат се појави во Кина минатиот декември, се прошири во околу 200 земји и региони во светот.
Пандемијата досега зеде над 195.900 животи, а вкупниот број заразени надмина 2,8 милиони.








