Трамп до морнарицата на САД: „Пукајте во иранските бродови, ако ги вознемируваат бродовите на САД“

by Administrator

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека побарал од морнарицата да пука врз ирански бродови што ги вознемируваат бродовите на САД.

„Наредив морнарицата на САД да пука и уништи какви било ирански бродови што ги вознемируваат нашите бродови“, напиша Трамп на својот профил на Твитер, по една недела напнатост во Персискиот Залив.

Заменик-секретарот за одбрана Дејвид Норквист подоцна се обиде да ја ублажи објавата на Трамп, прогласувајќи ја за „важно предупредување кон Иранците“.

Минатата среда американската армија објави дека 11 бродови на Иранската револуционерна гарда неколкупати се приближиле до воени бродови во Персискиот Залив на „опасен и вознемирувачки начин“. Кон американските бродови се приближиле со голема брзина, а во некои случаи тоа било на само девет метри, се вели во соопштение од Командата на морнарицата.

Инцидентот, наводно, се случил во меѓународните води за време на вежба во која учествувале хеликоптери од типот „Апачи“.

„Наместо да заплашува други, би било подобро Трамп да ги „спаси“ од големата криза со Ковид-19“, изјави денеска портпарол на иранските вооружени сили.

„Ако Американците се вешти и способни, тие ќе ги повлечат своите трупи од Блискиот исток да ги спасат од коронавирусот и што побрзо да мобилизираат свои други сили во САД да го спасат својот народ од големата криза што ја погоди таа држава“, изјави генерал Абдулфази Шекарши за ирански медиуми.

NovaTV

You may also like