АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати порака по повод 100 години од основањето на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), истакнувајќи дека тоа засекогаш ќе биде потврда на националната волја, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во Турција утре, 23 април, се одбележува националниот празник Ден на националниот суверенитет и на детето, а воедно и 100-годишнината од основањето на Големото народно собрание на Република Турција.

Ердоган по тој повод упати порака во која порача: „Големото народно собрание на Турција (TBMM), кое претставува симбол на нашата славна историја, како што тоа беше и во изминатите 100 години, засекогаш ќе биде потврда на националната волја.“

Нагласи дека Турција и понатаму ќе остварува напредок на рамената на своите деца и своите млади, и дека со нивната динамичност и ентузијазам ќе ги оствари целите зацртани за 2023, односно 2071 година.

„Духот на 23 април 1920 година, нашата одлучност за независност, нашата верба во единството и заедништвото се најголемиот аманет кој ќе им го пренесеме на идните генерации“, порача Ердоган.

Anadolu.