ЛОНДОН (АА) – Во Велика Британија наводно се направени подготовки за повторно отворање на училиштата кои беа затворени како дел од борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19, и за враќање на животот во нормала, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според неделното издание „Сандеј тајмс“ (The Sunday Times), откако премиерот, кој сè уште не е излекуван целосно, ќе се врати на работа, направен е план за нормализација на животот во земјата.
Планот вклучува и отворање на училиштата во одредени денови во неделата од 11 мај. Доколку планот биде прифатен, со настава прво ќе започнат учениците од основните училишта и децата од 10 до 12 години низ целата земја кои ќе полагаат испити во 2021 година.
Доколку планот за 11 мај не биде прифатен, училиштата ќе се отворат на 1 јуни или на почетокот на септември.
Во првата фаза на планот за нормализација на животот ќе бидат отворени продавниците каде што може да се одржи социјалното растојание. Во тие рамки зелено светло ќе им се даде на продавниците за облека и местата каде што се продаваат градинарски производи.
Исто така ќе бидат укинати ограничувањата за автобуските и железничките услуги. Во јавниот превоз ќе биде неопходно да се носи маска.
– Во втората фаза ќе се отворат повеќе продавници –
Кон крајот на мај или на почетокот на јуни ќе започне втората фаза. Во оваа фаза ќе се отворат повеќе продавници и бизниси. Сите вработени ќе бидат повикани на работа и ќе бидат дозволени одредени мали општествени настани.
Поголемите настани како што се спортските настани и концертите е планирано да започнат до крајот на јули или на крајот на летото.
– Постарите граѓани ќе треба да чекаат –
Сепак, во овој процес, од лицата на возраст од 70 и повеќе години и тие што се наоѓаат во ризичната група ќе биде побарано да продолжат да седат дома. Овие луѓе нема да можат да се вратат во нормален живот сè додека не се пронајде вакцината.
– Повик од деловните кругови за „нормализирање на животот“ –
Џонсон, кој продолжува да се одмора во премиерската резиденција надвор од Лондон, не се очекува да почне со работа до крајот на месецот.
Деловните кругови во Велика Британија, каде што од Ковид-19 починаа повеќе од 15 илјади луѓе, повикуваат на нормализирање на животот.
Anadolu








