МИЛАНО (АА) – Милан ги повика сите свои фудбалери од странство да се вратат во Италија во случај да се започне со тренинзите на почетокот на месец мај, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во Италија расте оптимизмот дека на клубовите од Серијата А ќе им биде дозволено повторно да започнат со групните активности на 4 мај, кога се очекува почетокот на втората фаза од ублажувањето на мерките воведени поради глобалната пандемија на коронавирусот. Изгледа дека оптимизмот има основа, што се илустрира со повикот на Милан до играчите кои заминаа во странство да се вратат.
Според италијанските медиуми, на списокот на оние што ја напуштиле Италија се: Златан Ибрахимовиќ, Рафаел Леао, Хакан Чалханоглу, Симон Кјер, Лукас Пакета, Анте Ребиќ, Асмир Беговиќ, Раде Круниќ, Франк Кеси, Саму Кастиљехо, Исмаел Бенансер и Тео Ернандез.
Единствен странец кој остана во Милано во текот на пандемијата на Ковид-19 е Матео Мусакио.
Повикот е упатен уште сега бидејќи сите играчи кои ќе се вратат од странство ќе мора да поминат две недели во изолација пред да започнат со тренинзите.
Серијата А беше прекината на 9 март поради пандемијата на коронавирусот, а во тој момент Милан беше на 7. место со 36 бода.










