ред најновиот дневен пресек на епидемиолошката слика, во Германија има повеќе излекувани лица отколку што во моментов се заразени со коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Институтот „Роберт Кох“ денеска соопшти дека во Германија од коронавирусот целосно се излекувани 60.200 лица, а моментално во земјата има 57.606 заразени лица.

Истиот извор јавува дека овој податок влева надеж дека се ефикасни превентивните мерки воведени од германските власти во екот на борбата против пандемијата на Ковид-19.

Во Германија со коронавирусот се заразени вкупно 120.479 лица, вклучувајќи ги и оние кои се излекувани.

Во земјата, од последиците на коронавирусот починаа вкупно 2.673 заболени лица, вклучувајќи ги и 129-те смртни случаи регистрирани во изминатите 24 часа.

Иако Германија е петта земја во светот по бројот на заразени, бројот на починати е значително помал во таа земја во споредба со ситуацијата во САД, Шпанија, Италија и Франција.

Германските власти спроведуваат масовно тестирање на луѓето на коронавирусот, а во краток период речиси ги удвоија капацитетите на болничките оддели за интензивна нега. Минатиот месец во Германија беа воведени низа рестриктивни мерки со цел спречување на превенцијата на ширењето на коронавирусот. Токму тоа се смета за еден од факторите што земјата има подобри резултати во борбата против Ковид-19 во однос на другите земји кои се тешко погодени со коронавирусот.

Коронавирусот Ковид-19 за првпат се појави во кинескиот град Вухан кон крајот на минатата година, а Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март прогласи глобална пандемија на Ковид-19.

Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во светот со коронавирусот се заразени над 1,78 милион луѓе. Од последиците што ги предизвикува вирусот, починаа близу 110.000, а речиси 412.000 лица се излекувани.