Четиримесечно бебе во Турција, заразено со новиот вид коронавирус (Ковид-19), успешно закрепна, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Од Универзитетската вакуфска болница „Безмиалем“ во Истанбул соопштија дека бебето Асја целосно закрепнало по деветдневно лекување.
Во соопштението се наведува дека бебето било донесено во болницата поради покачена температура и отежнато дишење, по што било тестирано за коронавирус.
Асја со позитивен резултат на тестот е испратена на Детската клиника за инфективни болести, каде што по вториот ден од терапијата почнала да закрепнува.
Од болницата рекоа дека бебето е отпуштено и дека ќе биде во изолација 14 дена.
Проф. д-р Озден Турел од Детската клиника за инфективни болести изјави дека децата покажуваат помали симптоми од возрасните.
„Најдобар начин да се заштитат децата од заразување е да се избегне контактот со заразени лица. Децата не треба да бидат во иста просторија со болни лица кои имаат покачена температура или респираторни проблеми“, рече Турел.
Тој напомена дека покрај самоизолацијата, исклучително важно е миењето раце и носењето заштитна маска.
„Децата мора да ја стекнат навиката за миење раце. Играчките и површините со кои детето е во контакт мора редовно да се дезинфицираат“, додаде Турел.
Тој рече дека родителите треба внимателно да ги следат симптомите на своите деца и во случај на зголемена температура, краток здив, отежнато дишење, повраќање или дигестивни проблеми, треба да се јават на лекар.










