Во Турција, миењето раце со колонска вода веќе долго време е ритуал при посета на бербер, во ресторан или дури и патување со автобус. На тоа се гледа како на симбол на гостопримство но и како важен дел од хигиената.

Сега по турската колонска вода – која е во скоро секое домаќинство, било во фрижидер или на плакар – има невидена побарувачка како оружје во борбата против новиот коронавирус.

Многу Турци веруваат дека колонската вода, која има голема содржина на алкохол, е ефикасна при одржување чисти раце и лица и со тоа се одбегнува ризикот од КОВИД-19.

Долги редици можеа да се видат пред продавниците за колонска вода во преполниот пазар за зачини во Истанбул, уште во почетокот на март, пред Турција да го објави својот прв потврден случај.

Сега продавниците и аптеките поставија знаци на кои пишува: „колонската вода е распродадена“.

Обично може да се види како луѓе ја поливаат на раце среде улицата додека таксистите им ја даваат пред да влезат во нивните автомобили.

Едно здружение во северозападниот град Измир им дава бесплатна колонска вода на старите лица, јавуваат локалните медиуми. 

Голема побарувачка

Ејуп Сабри Тунчер, водечки производител на колонска вода вели дека примил десетици илјади нарачки во последните неколку недели.

„Со цел побрза испорака до клиентите … ние привремено ги прекинавме нарачките преку интернет“, изјави претставникот на компанијата Атила Ариман за АФП.

Шишенцата со колонска вода исчезнаа од полиците откако министерот за здравство Фахретин Коча ги повика Турците да ја користат течноста како алтернативно санитарно средство за раце против вирусот.

R.S.E