Претседателот на Здружението за репродуктивно здравје и неплодност во Турција (TSRM), Ахмет Зеки Ишик, изјави дека коронавирусот не може да им наштети на бебињата во утробата на мајката, особено не во доцната фаза на бременоста, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во разговор со новинарот на АА, Исик истакна дека во екот на глобалната пандемија на коронавирусот се актуелни и дискусиите за влијанието на вирусот врз бремените жени и нивните бебиња.

„Досега имавме девет потврдени случаи на заразени бремени жени. Сите успешно се породија. Една пациентка доби потешко воспаление на белите дробови и е згрижена на Одделот за интензивна нега. И таа роди здраво бебе и во моментот нејзината состојба е стабилна“, изјави Ишик.

Тој додаде дека нема воочено разлика меѓу бремените жени и другите лица кога станува збор за ризикот од заразата, ниту за болеста која вирусот ја предизвикува.

„Податоците со кои располагаме укажуваат дека вирусот не преминува од мајката на бебето во матката. Затоа бремените жени не треба додатно да се грижат за бебињата. Треба да се каже дека тоа се однесува главно во доцните недели од бременоста. Имаме малку информации за случаите на рана бременост. Наша препорака е секако сите да бидат максимално внимателни“, порача Ишик.

Истакнувајќи дека бременоста ништо не менува кога станува збор за ширењето на заразата и заболувањето од коронавирусот, Исик истакна дека тоа е болест која е опасна за сите категории на луѓе, а особено за старите лица и онколошките пациенти.

„Не треба да се мешаат различните грипови со коронавирусот бидејќи некои сезонски грипови можат да предизвикаат поголеми проблеми во бременоста. Вирусот Зика предизвикува аномалии кај бебето, но тоа не е случај со коронавирусот“, изјави Ишик.

Пишува: „Anadolu“ – Пренесува:„Dubai-Portal“