АНКАРА (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека над 3.600 турски државјани, што се наоѓаат во девет европски земји за чии граѓани Турција ги затвори своите гранични премини, ќе бидат вратени дома со чартер-летови, јавува Агенција Анадолија (АА).

„3.614 државјани ќе бидат вратени со 34 чартер-летови на „Туркиш ерлајнс“ до вечерва на полноќ“, изјави Чавушоглу.

„По нивното враќање, патниците ќе бидат ставени во карантин во домови во Истанбул и во северозападната област Коџаели“, додаде тој.

Турција минатата недела ги затвори своите гранични премини за патниците од Германија, Шпанија, Франција, Австрија, Норвешка, Данска, Белгија и Холандија, со цел да го спречи ширењето на епидемијата на коронавирусот.

Коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, Кина, но потоа се прошири во над 150 земји и територии.

Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на смртни случаи во светски рамки е речиси 7.000, а има над 182.000 потврдени случаи.