МЕЛБУРН (AA) – Илјадници луѓе присуствуваа на одбележувањето на годишнината на терористичките напади врз џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во Крајстчрч на 15 март минатата година, во кој загинаа 51 лице, а 49 се ранети, јавува Агенција Анадолија (АА).

Одбележувањето требаше да биде одржано во арената „Хорнкастл“ во Крајстчрч, меѓутоа, откажано е поради ширење на коронавирусот.

Потоа, илјадници граѓани ги посетија џамииите „Ал Нур“ и „Линвуд“ за да бидат со муслиманите на тоа подрачје.

Муслиманите и граѓаните, припадници на други религии, дојдоа од различни новозеландски градови. На жртвите им оддадоа почит со положување цвеќе и со молитва.

По откажувањето на официјалното одбележување, новозеландската премиерка Џакинда Ардерн не отиде во Крајстчрч, а на социјалната мрежа Фејсбук напиша:

„На денешен ден пред една година нашата земја се смени.“

Ардерн потсети дека луѓето, по нападите, се обединиле и покажале заедништво, без оглед на религијата и нацијата.

На лицето кое е фатено по нападите, екстремно десничарскиот 29-годишен австралиски терорист Брентон Тарант, ќе му се суди во јуни под обвинение за тероризам, убиство и обид за убиство.