МОСКВА (AA) – Рускиот претседател, Владимир Путин, го одобри нацрт уставниот амандман што ќе му овозможи повторно да се кандидира на изборите во 2024 година и да се промени политичкиот систем во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Нацртот што Путин го потпиша ќе биде испратен во Уставниот суд. Ако Уставниот суд оцени дека измените се во согласност со Уставот, Путин на 22 април ќе ја потпише одлуката со која народот ќе гласа за нацртот на референдум.

Во случај поддршката на референдумот да биде поголема од 50 отсто, уставните промени ќе стапат на сила.

Во Москва во вторникот се одржани протести против нацртот што на рускиот претседател, Владимир Путин, му овозможува да се кандидира на претседателските избори и практично да остане на функцијата до 2036 година.

Според моменталниот Устав на Русија, лицето кое два мандата последователно било претседател на државата не може да биде кандидат по трет пат.

Думата, Долниот дом на рускиот Парламент, пред 4 дена усвои амандман со кој се „нулира“ периодот што Путин го помина на функцјата претседател, со што му е отворена можност за нова кандидатура.