АНКАРА (АА) – Основните и средните училишта во Турција ќе бидат затворени две недели, а образованието на децата ќе продолжи преку онлајн настава втората недела, како дел од мерките на претпазливост што ги презема Туција против новиот вид коронавирус, соопшти турскиот министер за образование Зија Селчук, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тоа е одлучено по петчасовната средба во Претседателскиот комплекс одржана поради ширењето на коронавирусот во глобални рамки. По состанокот, портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, соопшти различни мерки на претпазливост, вклучително и затворање на училиштата во наредните недели.
Министерот Селчук рече дека училиштата ќе се затворат на 16 март, додека онлајн наставата ќе започне од 23 март.
„Со системот за онлајн настава, кој ќе биде бесплатен и претставен од Националното Министерство за образование, Турција е подготвена да стане земја-модел со телевизиска и интернет наставна програма и план, подготвен за првпат во светот на национално ниво“, изјави Селчук пред новинарите.
Тој, исто така, истакна дека сите мобилни оператори ќе обезбедат три гигабајти бесплатен интернет за учениците со цел да ја користат онлајн услугата на Министерството.
Турција во средата го потврди својот прв случај на коронавирусот, по што министерот за здравство упати апел до граѓаните да избегнуваат меѓународни патувања, освен ако тоа е неопходно.
Според СЗО, од коронавирусот досега починаа над 4.600 лица, а во над 114 земји во светот се регистрирани над 125.000 потврдени случаи со вирусот.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија.
„Anadolu Agency“ – „Dubai-Portal“










