АНКАРА (АА) – Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција сериозно ќе одговори доколку како цел бидат земени нејзините набљудувачки точки во северозападната сириска област Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Турција ќе направи повеќе од обична одмазда, доколку бидат земени како цел нејзините набљудувачки точки во Идлиб“, изјави Ердоган пред пратениците на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија) во Анкара.

Турција ја започна операцијата „Пролетен штит“ на 27 февруари, откако 36 турски војници загинаа минатиот месец во воздушен напад на режимот на Асад во сириската покраина Идлиб, и по континуираните прекршувања на претходните прекини на огнот.

Според рамките на договорот од 2018 година со Русија, турските трупи се во Идлиб за да ги заштитат цивилите од нападите на режимот и неговите сојузници.

Ердоган рече дека минатонеделниот прекин на огнот во Идлиб бил постигнат по воената кампања на Турција таму, давајќи им можност на жителите на Идлиб да живеат без закани, и додаде дека Турција внимателно го следи развојот на настаните на теренот.

„Ние внимателно го следиме концентрирањето на режимот и милициите што го поддржуваат на линијата за прекин на огнот. Ние до крај ќе останеме посветени на ветувањето што ги дадовме, сè додека другата страна ја покаже истата чувствителност, но никогаш нема да се двоумиме да ги нападнеме посилно од претходно ако не ги одржат ветувањата“, порача турскиот претседател.

Според договорот, сите воени активности во Идлиб треба да прекинат со воспоставувањето безбедносен коридор од 6 километри северно и јужно од клучниот Автопат М4.

Ердоган говореше и за начинот на постапување на грчките погранични сили со мигрантите кои чекаат на границата.

„Гледајќи ги кадрите од грчката граница, тоа воопшто не се разлика од она што го правеа нацистите,“ потсетувајќи дека единствена цел на мигрантите е спасување на сопствените животи и обезбедување подобра иднина за своите деца.

„Во вистинска смисла на зборот, варварство преставува подложувањето на секаков вид нечовечки третман, од фрлање гасни бомби до истурање зовриена вода и пукање врз невините луѓе, чија единствена цел е спасување на сопствените животи и обезбедување подобра иднина за своите деца.“

Ердоган исто така се осврна и на коронавирусот во Турција, каде што е потврден првиот случај.

„Се надевам дека Турција ќе се спаси од ова без жртви. Ова е нашата желба. Ниту еден вирус не е посилен од нашите мерки“, рече Ердоган.

Тој исто така ја повика јавноста внимателно да ја одржува личната хигиена за да се спречи евентуална појава на епидемија во земјата.