АНКАРА (АА) – Блискоисточните медиуми пишуваат дека престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, планира да стане крал на земјата пред Самитот на Г20, што во ноември оваа година ќе се одржи во Ријад, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Медиумската куќа „Мидл Ист ај“ (Middle East Eye) пишува дека Бин Селман веќе тргнал во реализација на планот да ја преземе кралската круна од неговиот татко Селман бин Абдулазиз, а дека прв чекор му било апсењето на неговиот чичко, принцот Ахмед бин Абдулазиз, што беше извршено во петокот. Наводно се уапсени уште најмалку 20 членови на кралското семејство, кои го обвинуваат Бин Селман за обид за пуч.

Истиот извор тврди дека Бин Селман не сака да ја чека смртта на неговиот татко, туку дека сака да го искористи ноемврискиот самит за преземање на престолот.

Бин Селман на позицијата прв престолонаследник дојде откако го собори од престолот неговиот роднина, принцот Мухамед бин Најеф, а медиумските извори тврдат дека нема да се двоуми да ја отстрани секоја препрека на патот до круната.

Според наводите, Бин Селман планира да го принуди неговиот болен татко да се повлече од позицијата крал, бидејќи уапсениот принц Ахмед сигурно би се противел на крунисувањето на Бин Селман во случај на смрт на кралот Селман бин Абдулазиз.

Принцот Ахмед во петокот изутрина го посетил кралот Селман и во таа прилика е уапсен.

Според наводите, тема на разговорите требало да биде прашањето за принцот Фајсал бин Абдулрахман, кој претходно е уапсен. Неименувани медиумски извори изјавија дека принцот Ахмед не успеал да се види со кралот Селман.

Весникот „Волстрит џурнал“ (Wall Street Journal) пишува дека апсењето на принцот Ахмед е извршено по налог на престолонаследникот Бин Селман, токму како и претходното апсење на принцот Мухамед бин Најеф.

„Мидл Ист ај“ тврди дека постојат внатрешни и надворешни фактори кои го натерале Бин Селман да тргне во реализација на планот за преземање на функцијата крал на Саудиска Арабија.

Меѓу надворешните фактори се истакнува неговата бојазливост дека американскиот претседател, Доналд Трамп, би можел да остане без втор мандат во Белата куќа, со што Бин Селман би изгубил голема поддршка во случајот со обвиненијата што му се упатуваат поради свирепото убиство на новинарот Џемал Кашоги.

Некои извори пак, тврдат дека во интригите на Бин Селман е директно инволвиран и престолонаследникот на Обединетите Арапски Емирати, Мухамед бин Зајед ал Нахјан. Тие извори наведуваат дека влијанието на Ал Нахјан во Саудиска Арабија расте ако Бин Селман прави грешки и ја дестабилизира земјата.

Меѓу внатрешните фактори за походот на Бин Селман по саудиската круна се неуспешните реформи што ги започна во земјата.

Падот на цените на нафтата предизвика помали приходи и слабеење на популарноста на Бин Селман во Саудиска Арабија и во исламскиот свет воопшто.