Хрватската амбасадорка во Македонија, Нивес Тигањ е оптимист дека Совет на министри на ЕУ ќе даде зелено светло за старт на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ. Домашните експерти велат дека ваквите очекувања се реални, но дека сепак, гаранции за позитивна препорака нема.
Поддршката на Хрватска за македонските евроинтеграции, во период кога таа претседава со Советот на Европската Унија, ја потврдува и хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ во интервју за радио Слободна Европа. Таа вели дека Северна Македонија заслужува да ги почне преговорите со Унијата и дека Хрватска е силно ангажирана да се постигне консензус меѓу државните членки со цел одлуката на Советот на ЕУ да биде позитивна, особено откако пред неколку дена Комисијата даде позитивна препорака за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„Знаеме каква беше одлуката во октомври минатата година, секако дека очекуваме и веруваме во позитивен исход на тоа што треба да се случи на крајот на овој месец. Токму на денот на објавување на извештајот на Комисијата, хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања, господинот Грлиќ Радман беше во работна посета во Тирана и Скопје, каде што уште еднаш ја потврди силната поддршка на Хрватска во натамошното придвижување на двете земји во евроинтегративниот процес. Значи ние веруваме како земја претседавач со Советот на Унијата и силно сме ангажирани да се постигне консензус меѓу државните членки со цел одлуката на Советот на ЕУ да биде позитивна“, вели Тигањ во интервјуто што ќе го емитуваме во недела.
Повеќе на:РСЕ











