ГОЛЕМО НАРОДНО СОБРАНИЕ НА ТУРЦИЈА (АА) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање на состанокот на парламентарната група на АК Парија (AK Parti) ги повика сите земји членки на ЕУ, пред сè Грција, да дејствуваат во согласност со Универзалната декларација за човекови права, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган денес, во Големото народно собрание на Турција, се обрати пред парламентарната група на АК Партијата.

Ердоган во однос на настаните со мигрантите на границата на Грција рече: „Ги повикуваме сите земји членки на ЕУ, пред сè Грција, да дејствуваат во согласност со Универзалната декларација за човековите права и со почит да се однесуваат кон мигрантите што доаѓаат на нивните територии.“

Претседателот Ердоган, исто така, рече дека Гркот што се обидува на секој начин да ги спречи мигрантите да влезат во неговата земја, од давење во море, до убивање со куршуми, да не заборави дека еден ден можеби таа милост ќе му биде потребна и нему.

Ердоган во своето обраќање се осврна и на операцијата „Пролетен штит“.

„Тие што велат ’Што бара Турција во Сирија‘ никогаш не го поставиле прашањето што бараат таму Русија, САД, Иран и европските земји“, рече Ердоган и додаде: „Во нивните очи борбата на нашата земја нема никаква вредност. Нивната единствена цел е да обезбедат политички поени и да изгледаат симпатични пред империјалистите за да им се обезбеди нивниот пат.“

Ердоган, исто така, нагласи: „Човек кој не знае, не разбира или не чувствува што значи татковината и каде се неговите граници, тоа веќе не е незнаење, туку предавство.“

Според претседателот на Турција, Ердоган, за да се разберат зборовите „Ридот на шехидите нема да остане празен“, покрај верување во исламот, потребно е да се знае и културата на општеството од каде што се потекнува.

Осврнувајќи се на операцијата „Пролетен штит“, претседателот на Турција, Ердоган, рече дека Турција во нејзината борба ќе победи и на терен, и ќе ги постигне своите цели со тоа што ќе ги уништи поддржувачите на напаѓачите, со националната волја.

„Секој што со клевети се обидува да ја дискредитира оваа историска борба на Турција е нечесен, срамен, злобен и предавник“, нагласи Реџеп Таип Ердоган.

Истакнувајќи дека Турција нема да ја остави Сирија на милоста и немилоста на терористичките организации, на крвавиот режим и на оние што го поддржуваат, претседателот Ердоган рече дека и угнетениот сириски народ нема да го остават сам.

Во последните операции, како што истакна Ердоган, Турција на сите им докажа дека е земја која не сака војна, а не земја која не знае да војува.